Потпишување на кодекс за соработка

SOS: 0800 11111

Потпишување на кодекс за соработка

Отворена Порта – Ла Страда во соработка со Accor Group, светски водечка хотелиерска групација и Националната комисија за борба против трговија со луѓе (Antitrafficking Macedonia) во пресрет на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе потпишуваат кодекс на соработка.

Кодексот е прв од ваков тип во хотелиерската индустрија во нашата држава и е насочен кон заштита на децата од сексуална злоупотреба во индустријата за патувања и туризам.

“Отворена Порта“ како здружение кое го пренесува гласот на жртвите и обезбедува нивна помош и поддршка, со задоволство се приклучува кон оваа иницијатива. Идентификацијата е клучен елемент за заштита на децата, и затоа соработката не само со институциите туку и со приватниот сектор, и сите други клучни актери игра значајна улога во обезбедување на соодветни сервиси, информирање и заштита на децата од трговија и сексуална експлоатација” ▶️ изјави нашата Јасмина Д. Рајковска.

Националната Координаторка м-р Магдалена Несторовска нагласи дека: “Една од стратешките ориентации/заложби на Националната Комисија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција е градење на континуирано партнерство со приватниот сектор, бидејќи единствено преку создавање на широк фронт на чинители (државните институции, меѓународните и невладините организации, граѓанскиот и приватниот сектор) може да се креира ефикасен, сеопфатен и координиран систем за борба против трговија со луѓе.”

Ја поддржуваме иницијативата на Accor групацијата за увидување на потребата од обучување на вработените во хотелиерската индустрија за трговијата со луѓе, сметаме дека ваков тип на обуки се потребни и важни во борбата против трговијата со луѓе.