„За лутина и гнев е многу прекраток животот. Цел мој живот ви го посветувам“ – Сара, 15 год.
Овој цртеж го претставува мојот топол дом, мојата причина за да продолжам со животот. Секое утро станувам и сум благодарна што имам топол кревет, храна и покрив над глава, што не морам да спијам по улици талкајќи на ладно и на топло, барајќи некое скриено катче во некоја уличка каде што ќе можам да поминам уште еден ден надвор… сама. Цветовите го претставуваат мојот раст. Како што цвеќето му е потребна вода за да расте, така и јас тука научив дека топлата прегратка, милните зборови знаат да го наполнат моето срце со топлина и љубов. Затоа често на вработените им велам дека јас сум нивното цвеќе што тие го чуваат и негуваат. Птиците кои што ги гледам секој ден низ прозорецот од мојот дом ме потсетуваат на луѓето кои си заминале од мојот живот и кои што со нивното заминување ме потсетуваат дека треба да ги заборавам лошите луѓе и лошите спомени од моето минато. Тука ме научија дека можам се да постигнам ако сум вредна и учам. Често знам додека заспивам да фантазирам за мојата куќа во која што ќе живеам, ќе имам свое семејство, љубов и среќни моменти а тоа ќе го постигнам бидејќи има луѓе кои што ме сакаат, веруваат во мене и ми даваат сила да верувам дека ќе ја имам оваа розева куќичка.
Ова е само една од многуте искрени чувства и желби на штитеничките од Центарот за жртви на трговијата со луѓе и на сексуално насилство кое е дел од системот на социјална заштита и овозможува привремено сместување и психо-социјална помош и поддршка, со цел рехабилитација и надминување на траумите и реинтеграција во средината. Програмата за директна помош и поддршка во прифатилиштето се состои од советодавна работа, индивидуална и групна терапија, едукативни и слободни активности и задоволување на основните потреби. Исто така, на корисничките, со предвидената програма на ЗГ Отворена Порта, им се обезбедува правна помош, психолошко советување, образование и обуки, медицинска и хуманитарна помош. Обезбедувањето на специјализирана психолошка помош е една од основните услуги што се од суштинско значење за жртвите со цел да им се помогне да ги препознаат своите јаки страни и да најдат ресурси за да се справат со секојдневните проблеми и трауми. Во рамките на програмата како клучен предизвик е вклучување на жртвите во редовен процес на образоване но и посета на стручни обуки според проценка на интересот и капацитетите на жртвите.
Во текот на годините сме имале најразлични случаи, имало жртви кои успешно се реинтегрирале и постигнале позитивни резултати за што ние како организација се стремиме. Многу од нив го продолжија образовниот процес во насока на економско зајакнување на жртвата во иднина за полесно вклучување на пазарот на трудот што е од суштинско значење за нив. Меѓутоа, има и жртви кои за жал повторно се вовлекуваат во синџирот на трговија со луѓе. Клучен елемент по напуштањето на прифатилиштето е долгорочното планирање на процесот на реинтеграција. Отсуството на долгорочни одржливи програми кои овозможување пристап на жртвите на трговијата со луѓе до постоечките права на системот за заштита, недоволниот број на сместувачки капацитети за домување во институциите, долгогодишното траење на судските процеси со што тие подлежат на понатамошна ревиктимизација, не исплата на обесштетување и немање на достапни услуги и финансиски ресурси кои им би помогнале во нивниот процес на реинтеграција се само дел од проблемите кои ги имаат штитеничките со што се зголемува можноста за повторно навлегување во кругот на трговијата со луѓе.
ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВИМЕ
Мора да ги поддржиме жртвите на трговија со луѓе, да им веруваме и дадеме сила.
- Да ги прошириме сместувачките капацитети на постоечкото прифатилиште за жртви на ТЛ, како и обезбедување посебно прифатилиште за малолетни и полнолетни жртви.
- Да воспоставиме алтернативни центри за помош и заштита на локално ниво, како што се дневни центри, советувалишта доколку жртвата не сака да биде сместена во прифатилиште.
- Вклучување на децата-жртви на трговијата со луѓе во редовното образование во најкраток рок да биде приоритет за одговорните институции, особено за старателите на овие деца во целиот процес на заштита и реинтеграција.
- Усвојување на предлог-законот за парична исплата на жртвите на криминал, со којшто би се овозможило воспоставување фонд за надомест на штета за жртвите на трговијата со луѓе.
- Поголема вклученост на локалната самоуправа во спроведувањето на Програмата за помош и поддршка при реинтеграција на жртвите на трговијата со луѓе преку обезбедување услуги, како и преку човечки и финансиски ресурси.
- Овозможување континуитет на услугите за жртвите на трговијата со луѓе преку доделување финансиски ресурси на НВО од страна на државата.