Трговијата со луѓе е сериозен и комплексен проблем и еден од растечките форми на организиран криминал на глобално ниво. Процесот на трговија со луѓе подразбира експлоатација на човечкото тело и труд, кршење на најосновните човекови права – од ограничување на комуникацијата и движењето, до насилство и злоупотреба.
Отворена Порта- Ла Страда, преку проектот “Можност или Експлоатација”, во соработка со Европската Унија и Совет на Европа, како еден од грантистите на заедничката иницијатива – „Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ (Хоризонтален Инструмент II), работи на информирње на јавноста за проблемот на трговија со луѓе и мерките на заштита со посебен акцент на трудовата експлоатација.
Интернетот во голема мера ја олеснува трговијата со луѓе и има клучно влијание врз целиот синџир на трговија со луѓе; од регрутирање и транспорт до сместување на жртвите и нивна експлоатација. Регрутирањето на жртвите се повеќе се одвива преку Интернет. Трговците со луѓе ги намамуваат жртвите со ветувачки реклами за работни места или патувања, поставени на општите страници за огласување или дистрибуирани преку агенции за посредување, меѓународни агенции за склучување брак или страници за запознавање љубовен партнер. Покрај огласите, трговците со луѓе директно им приоѓаат на жртвите и во групите за разговор или на мејнстрим социјалните медиуми.
Не се залетувај! е кампања лансирана во Северна Македонија која е насочена кон информирање и подигнување на свеста на јавноста за ризиците од трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација.
Неинформираноста и недостатокот од можности ги принудува луѓето да прифатат сомнителни понуди за работа и како резултат на тоа да станат жртви на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација. Младите луѓе најчесто од неразвиените региони на државата се решаваат да побараат работа во странство, несвесни за можните ризици и со тоа да се изложат на ризик и да станат жртви на измами (во однос на услови за работа и плата) но и ограничување на слобода, одземање на пасош и подложување на суров третман и искористување.
Извештаите на Групата експерти на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе (GRETA) забележуваат дека сезонските мигранти и мигрантите со нерегулиран престој, особено оние кои немаат редовен пристап до пазарот на трудот, се особено изложени на ризик од трговија со луѓе со цел трудовата експлоатација.
Најновите извештаи покажуваат дека во странски земји, каде што луѓето мигрираат претежно за работа и подобар живот, има македонски државјани жртви на трговија со луѓе заради трудова експлоатација. За жал, Северна Македонија се смета и за земја на потекло на трговија со луѓе. Исто така, постојат случаи на таканаречена „внатрешна“ трговија со луѓе, каде што граѓани, претежно деца, од Северна Македонија се тргувани внатре во земјата. Возрасната граница на жртвите е драстично намалена и повеќето од жртвите се на возраст меѓу 13 и 17 години.
Првата активност на проектот “Можност или Експлоатација” беше јавниот конкурс за избор на најдобар графички дизајн на тема трговија со луѓе со цел трудова експлоатација. Ние го гледаме графичкиот дизајн како уметноста на новото време и новите генерации – па токму затоа одлучивме да ги насочиме младите дизајнери кон креирање на креативно дизајнерско решение за подигање на јавната свест на тема трговија со луѓе со цел трудова експлоатација. Младите дизајнери коишто улествуваа на конкурсот индиректно беа вклучени во процесот на едукација и подигнување на свеста за целите на кампањата.
На конкурсот се пријавија повеќе 30 млади со нивните креативни решенија. Гласањето беше поделено на он-лајн гласање и гласање од стручно жири. Резултатите донесоа 3 победници, подолу можете да ги видите дизајните на Т.Л.К, Милош Ристоски и Ангелина Велкова.