Извршната директорка Јасмина Димишковска Рајковска и Програмската директорка Марија Тодоровска, како претставници од Отворена Порта/Ла Страда Северна Македонија, член на La Strada International (LSI), имаа можност да присуствуваат на настанот на Ла Страда НВО платформата што се одржа во Париз од 24-26 јуни 2024 година. Овој настан обедини различни засегнати страни кои разговараа за критичните прашања околу трговијата со луѓе, експлоатацијата и напорите за застапување. Настанот имаше неколку работилници кои се однесуваа на тековните предизвици и идните активности како што се:
o Вклучување на лица кои преживеале и имаат животно искуство во однос на трговија со луѓе: дискусии за интегрирање на поединците со животно искуства во подготовкa активностите, политиките и имплементацијата на проектите.
o Помош на бегалците од Украина: Стратегии за подобрување на поддршката и услугите на терен за украинските бегалци.
o Фокални точки и европски механизам за упатување: Препораки за воспоставување механизми за рано откривање и поддршка на жртвите на трговија со луѓе.
o Предизвици поврзани со примената на периодот на размислување и закрепнување според член 13 од Конвенцијата, дискутирајќи за нацрт-упатствата на ГРЕТА која опфаќа различни аспекти.
o Обезбедување права на жртвите на трговија со луѓе, заедно со новите политики на ЕУ кои се однесуваат на миграцијата, азилот и криумчарењето, дискутирајќи за влијанието на новите политики за миграција и азил на ЕУ врз правата на жртвите на трговија со луѓе, нагласувајќи ја потребата од застапување и правилно спроведување за да се осигура дека овие права се заштитени.
o Улогата на невладините организации за борба против трговија со луѓе во поддршката на случаите на трговија со луѓе во Европскиот суд за човекови права – практичен пристап кој ги истакнува процедуралните стратегии и практичните дискусии за случаи.
Беше организиран и јавен настан за трудова експлоатација и Олимписки игри на кој се дискутираше за можностите за зголемена експлоатација и трговија со луѓе поврзани со претстојните Олимписки игри во Париз. Дискусиите ја истакнаа потребата од превентивни мерки и должна одговорност за заштита на ранливите работници.
Беа обезбедени информации за напорите на Ла Страда за застапување и идните активности за 2024-2025 година. Ова вклучува усвојување на нови стандарди и развој на стратегии за подобрување на собирањето податоци и поддршка за жртвите на трговија со луѓе. Ла Страда, исто така, информираше за работата на групата за неказнување, нагласувајќи ја важноста да не се казнуваат жртвите на трговија со луѓе за злосторства извршени како резултат на нивна експлоатација. Истотака, Марија Тодоровска, програмската директорка на Отворена Порта, презентираше за Работната група за идентификација, нагласувајќи ја потребата од подобрување на идентификација за подобра поддршка и заштита на тргуваните, идентификување на најдобрите практики и улогата на невладините организации.
Настанот даде значајна можност за дискусија и градење стратегија за подобрување на условите и поддршката за тргуваните лица. Отворена Порта/Ла Страда Северна Македонија останува посветена да се залага за правата и достоинството на сите жртви на трговија со луѓе и други ранливи групи. Соработката со меѓународните партнери и континуираните напори се од суштинско значење за постигнување значаен напредок на ова поле.
За повеќе информации или за вклучување, ве молиме контактирајте ја Отворена Порта/Ла Страда Северна Македонија на lastrada@lastrada.org.mk