Законската рамка во Република Македонија доживеа низа на промени низ годините кои што одеа во прилог на зајакнување на борбата против трговијата со луѓе. Република Македонија во поглед на законодавството што го разви се вброи во земјите кои што ги задоволуваат стандардите за успешно справување со трговијата со луѓе и се искачи на едно завидно ниво во поглед на останатите земји на Балканот. Заедно со Хрватска, Македонија е оценета во групата 1 на извештајот за трговија со луѓе за 2013 на Американскиот Стејт Департмент – земји кои успешно се справуваат со трговијата со луѓе.

Во февруари 2002 година беше дефинирана трговијата со луѓе како кривично дело во Македонскиот кривичен законик (КЗ) поглавјето со наслов „Кривични дела против човечноста и меѓународното право“ со воведување на Член 418-a, став 1 од Кривичниот Законик (КЗ) кој гласи:

“Тој што со сила, сериозна закана доведува во заблуди или други форми на присилба, грабнување, измама, со злоупотреба на својата положба или состојбата на бременост, слабост или физичка или ментална неспособност на друг, или со давање или примање пари или друга корист заради добивање согласност на лице кое има контрола на друго лице или на друг начин врбува, превезува, пренесува, купува, продава, засолнува или прифаќа лица заради експлоатација по пат на проституција или други форми на сексуална експлоатација, порнографија, принудна работа или слугување, ропство, присилни бракови, присилна фертилизација, незаконито посвојување или нему сличен однос или недопуштено пресадување делови од човековото тело,ќе се казни со казна затвор најмалку четири години”.

Други членови од споменатиот Кривичен Законик кои се сметаат релеванти за акција против трговија со луѓе се:
– Засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос“ (член 418);
– Криумчарење мигранти“ (член 418-б);
– Организирање група и поттикнување на извршување акти на трговија со луѓе, криумчарење мигранти и трговија со деца” (член 418-в).

Исто така, во 2008 година е додаден нов Член 418-г став 1 од КЗ насловен како “Трговија со малолетни деца “, и направени се дополнувања на овој член со тоа што е воведена кривична одговорност на правни лица за трговија со луѓе.
Последната промена била направена во февруари 2014 година кога се направени измени во Член 418-a, став 1 и дополнувања при што, зборот „фертилизација“ е заменет со зборот “ бременост’ и „просење и експлоатација преку легална активност“ се додадени во делот на форми на експлоатација, дополнувања на КЗ споменати во ставот 14, текстот на членот 418-г, став 1 од КЗ била заменет со нов текст во кој зборот „малолетник“ е заменет со „дете“.

Македонското законодавство не содржи дефинирање на поимот жртва на трговија со луѓе како таква. Во Кривичниот Законик на Република Македонија направени се измени во 2008 година кои што го дефинираат поимот „жртва на кривично дело“ како „секое лице кое претрпело штета, физичка или ментална повреда, емотивно страдање, материјална загуба или друга повреда или загрозување на неговите основни слободи и права како последица на сторено кривично дело. ”