Во ноември 2022, Собранието на Северна Македонија го усвои Законот за државен надоместок на жртвите на насилни кривични дела.
Отворена порта –Ла Страда како организација која беше главен иницијатор за Законот за паричен надомест на жртвите на кривични дела со насилство, е задоволна што конечно се усвои овој закон кој има за цел да обезбеди паричен надоместок на жртвите како првична солидарна помош од страна на државата за нивното страдање, но и да се спречи можна секундарна виктимизација..
Законот им овозможува на возрасните и децата жртви на сериозни кривични дела, на пример, трговија со луѓе, семејно насилство, родово и сексуално насилство, да бидат обесштетени со државната шема, врз основа на солидарност, под услов делото да биде пријавено во полиција или јавно обвинителство. Максималниот износ на надоместокот е 5.000 евра. Жртвите според овој закон имаат право да бидат целосно информирани за нивните права и постапката за добивање на надомест, да добиваат информации на јазик што го разбираат, да уживаат заштита на личните податоци и да се жалат на одлуката за надомест на штета.Исто така, законот предвидува формирање на комисија за надоместок на жртви, која ќе одлучува во прв степен за добивање на надоместок и неговата висина.
Kако основа за овој закон се користеше предлог текст на законот подготвен од Отворена Порта Ла Страда во 2016 , како и други анализи, компаративни студии и физибилити студија за трошоците на државниот фонд. На изготвување на законот работеше меѓуресорска работна група со претставници од повеќе институции и членство на Отворена порта која се залагаше за пристап до правда за тргуваните лица и можност за остварување на правото на компензација
Во изминатите две години Отворена порта лобираше за усвојување на законот и помогна во подготовка на подзаконскиите акти со цел ефективно спроведување по донесувањето.
Од нашето искуство жртвите на трговија се изложени на низа физичка, ментална, економска и честопати сексуална злоупотреба. Експлоатацијата што ја претрпеле може да доведе до физичко страдање и здравствени проблеми, емоционална траума и губење на средствата за живот. Овозможувањето и олеснувањето на пристапот до компензација им помага на жртвите да се опорават, како и соодветно казнување и одвраќање на трговците со луѓе.
Жртвите од трговија со луѓе со овој закон за прв пат се третирани на правичен начин со што им се дава можност на паричен надомест со кој би можеле да се реинтегрираат во општеството и без пречки да ги извшруваат секојдневните животни активности.
Отворена порта –Ла Страда ќе продолжи засилено да работи на спроведување на законот првенствено преку обезбедување на поддршка на жртвите при поднесување на барање, информирање и следење.
Целиот закон можете да го најдете на следниот линк.