Прескокни до содржина
Отворена Порта Logo

Итна поддршка - Јави се, информирај се и пријави

24/7 безбедна, анонимна и бесплатна

Трговија со деца

Теми

Трговија со деца

Децата се особено ранлива категорија. Отворена Порта работи на превенција, идентификација и поддршка на малолетни жртви на трговија со луѓе.

Трговијата со деца претставува особено тежок облик на трговија со луѓе и сериозна повреда на правата на детето. За разлика од возрасните жртви, кај децата за постоење на кривичното дело не е потребно докажување на средствата на присила – доволно е постоење на дејствија насочени кон нивна експлоатација.

Во Република Северна Македонија злоупотребата на деца преку присилна сексуална експлоатација и присилните бракови остануваат доминантни форми на трговија со луѓе. Организацијата Отворена Порта активно работи на превенција, идентификација и поддршка на малолетни жртви.

Правна рамка за заштита на децата

Во 2008 година е воведен член 418-г кој се однесува на трговија со дете. Со измените од 2014 се прошируваат формите на експлоатација, вклучувајќи присилно просење и други облици на искористување.

Република Северна Македонија е страна на Конвенцијата за правата на детето и го прифати Факултативниот протокол за продажба на деца.

  • Член 418-г КЗ – Трговија со дете
  • Член 418-в КЗ – Организирање група за трговија со деца
  • Конвенција на ОН за правата на детето
  • Факултативен протокол за продажба на деца

Форми на експлоатација на деца

  • •Сексуална експлоатација и принудна проституција
  • •Присилни бракови
  • •Принудно просење
  • •Принуден труд и слугување
  • •Деца војници
  • •Продажба на органи

Фактори на ризик

Постојат бројни фактори кои ги прават децата ранливи. Имајќи предвид дека старосната граница на жртвите се намалува, Отворена Порта особено се насочува кон децата и младите.

  • •Сиромаштија и социјална исклученост
  • •Недостаток на образование и информации
  • •Семејно насилство и дисфункционални семејства
  • •Миграција и напуштање на дом
  • •Отсуство на родителски надзор
  • •Изложеност на интернет и социјални мрежи без надзор

Активности на Отворена Порта

Отворена Порта спроведува превентивни и едукативни активности насочени кон децата и младите, вклучувајќи:

  • Превентивни работилници со деца под ризик во основни и средни училишта и факултети
  • Обуки за врснички едукатори
  • Дистрибуција на превентивно-едукативен материјал
  • Работа со деца повратници од земјите на ЕУ
  • Индивидуална поддршка на родители и деца за полесно вклопување во општествената средина
  • Навремено вклучување во образовниот процес на детето
  • Помош при остварување на здравствена и социјална заштита

Знаци на трговија со деца

Ако забележите некои од следниве знаци кај дете, пријавете го на бесплатната СОС линија:

•Дете кое изгледа уплашено, тивко или избегнува контакт со очи
•Знаци на физичко или сексуално злоупотребување
•Дете кое не оди на училиште и работи наместо тоа
•Дете кое проси или сака да прибира отпад наместо да оди на училиште
•Дете кое живее со непознати возрасни лица
•Дете кое нема лична карта или пасош
•Дете кое е принудено рано да се омажи/ожени

Пријавете случај

Ако се сомневате дека некое дете е жртва на трговија, пријавете веднаш на бесплатната СОС линија.

0800 11111

Бесплатен повик • 24 часа • 7 дена во неделата