
Кампањата „Јас НЕ се согласувам на присилен брак“ има за цел да ја подигне јавната свест за присилните бракови како сериозна повреда на човековите права и форма на родово базирано насилство и трговија со луѓе. Кампањата е насочена кон младите, родителите, професионалците и пошироката јавност, со цел да ги информира за ризиците и последиците од присилниот брак, да ги охрабри пријавувањето и навремената интервенција, како и да го истакне гласот и искуството на преживеаните.
Присилниот брак не е избор!
Длабоко вкоренетите динамики на моќ, контрола и нееднаквост ја прават експлоатацијата на жените и девојките, особено преку присилни бракови, постојана и штетна практика во нашата земја. Ние се стремиме да ги оспориме и промениме штетните норми и да придонесеме за одржливи и системски промени кои обезбедуваат заштита, поддршка и автентичен глас за преживеаните.
Преку работилници, дискусии, промотивни материјали и регионални активности, кампањата ги охрабрува заедниците да:
-
ги препознаваат предупредувачките знаци,
-
обезбедуваат поддршка и упатување за потенцијални жртви,
-
го промовираат правото на слободен избор и заштита на децата.
Кампањата е дел од пошироката работа на Отворена порта/Ла Страда Македонија во областа на превенција на трговијата со луѓе и заштита на ранливите групи и се спроведува во партнерство со Ла Страда Интернешнл. Таа е реализирана како дел од проектот „Подобрување на превенцијата и поддршката за жртвите на присилни бракови“, со поддршка од Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција, преку инструментот FEF-R.
Во рамки на проектот, изработена е Анализа за присилни бракови, изготвена од сведоштва на лица со животно искуство и консултации со национални чинители, врз основа на која се развија Практични препораки за подобра идентификација, заштита и поддршка на жртвите. Регионалната соработка беше унапредена преку Регионалната конференција за превенција од присилен брак, одржана во Скопје од 10 до 12 септември 2025 година, на која учесниците, вклучително претставници на владини институции, граѓански организации, застапници на преживеаните, меѓународни организации, академската заедница и донаторски партнери од земјите на Западен Балкан и Европа, усвоија Заеднички заклучок и Повик за акција за спречување и борба против присилниот и детскиот брак во сите негови форми.
По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март 2025, прочитајте ја нашата Меѓународна изјава на Ла Страда, во која ја истакнуваме итната потреба од координиран и врз човекови права заснован одговор.
Погледнете ги креативите и видеата од кампањата „Јас НЕ се согласувам на присилен брак“ како и галеријата од Регионалната конференција за превенција на присилните бракови.
#ованееслобода #thisisnotfreedom #LaStrada #Отворенапорта #ЕУ #AmbassadeDeFrance