На ден 26.03.2026 година, во просториите на Општина Сарај, се одржа работен состанок во рамките на проектот „Од рехабилитација до отпорност: Патот напред“. Проектот се спроведува во периодот 1 октомври 2025 – 30 септември 2027 година, со цел зајакнување на националните и локалните капацитети за одржлива превенција од насилен екстремизам, како и за ефективна рехабилитација и реинтеграција на повратници од странски боишта и нивните семејства. Активностите се реализираат во соработка со повеќе општини, вклучително и Општина Сарај.
Средбата беше организирана како иницијален координативен состанок со официјални претставници на општината, со цел да се претстави проектот, неговите планирани активности, очекуваните резултати, како и можностите за практична соработка во текот на имплементацијата.
Во дискусијата посветена на локалните потреби, постоечките капацитети и идентификуваните празнини, од страна на Општина Сарај беше изразена целосна подготвеност за активно вклучување во сите фази од спроведувањето на проектните активности. Како значаен позитивен исчекор беше нотирано дека на една од последните седници на Советот на општината е конституиран Локалниот совет за превенција. Притоа, беше заеднички констатирано дека во наредниот период е потребно да се посвети особено внимание на понатамошното зајакнување на капацитетите на овој механизам, со цел истиот да може суштински и координирано да одговори на локалните предизвици поврзани со превенцијата, отпорноста на заедницата и меѓу институционалната соработка. Во таа смисла, потребно е да се работи првенствено на идентификување на потребите за развој на капацитети на членовите на советот, последователно да се реализира циклус на обуки и да се подготват локални стратешки документи кои ќе послужат како водилка во понатамошната работа на Локалниот совет за превенција.
Во делот на разговорот кој се однесуваше на реализацијата на теренските активностите во заедницата, претставникот на општината изрази силна волја за активно вклучување на младите во спроведувањето на овие активности. Во таа насока, беше посочена важноста од навремена и структурирана координација со образовниот сектор во општината, а за таа цел беше делегирано и лице кое има надлежност во координацијата на основните училишта во Општина Сарај. Овој чекор беше оценет како особено важен за обезбедување ефикасна комуникација со училиштата, полесно планирање на активностите и поширока мобилизација на младите на локално ниво.
Општо земено, состанокот помина во конструктивна и работна атмосфера, со јасно изразена подготвеност за партнерска соработка и координација. Средбата претставува значаен почетен чекор кон воспоставување функционална локална соработка во Општина Сарај при што беа поставени основите за понатамошно оперативно планирање и успешнo спроведување на предвидените активности.
