Итна изјава за неодамнешната пресуда за случајот за трговија со дете

Здружението Отворена порта/ Ла Страда изразува загриженост за исходот од првостепената постапка во предметот во кој жртва беше дете кое беше злоупотребено и тргувано заради сексуална експлоатација од страна на полнолетни мажи. Трговијата со деца е сериозно кривично дело.

Пристапот до правда на жртвите на трговија со деца и сексуално насилство подразбира не само пронаоѓање и казнување на сторителите, туку и изрекување соодветна санкција која ќе има одвраќачко дејство за повторување на делото од страна на обвинетите, но, и за останатите во општеството. Изречените санкции испраќаат порака до обвинетите, но до останатите трговци дека нивното однесување не е доволно сериозно за да се изрече казна барем во рамки на законскиот минимум.

Особено сме загрижени што судот отстапи од досегашната пракса на доделување на правичен надоместок на жртвите на трговија со луѓе во кривичната постапка. Имено, пристапот до правда на жртвите на трговија со дете подразбира и доделување на правичен надоместок како компензација за претрпениот страв, болка и душевно страдање на детето жртва.

Судот, со вчерашната одлука пропушти соодветно да го примени Законот за правда на децата, според кој, овие постапки се итни и судот има обврска да постапува на начин што нема да ја одолговлекува постапката и да го изложува детето жртва на дополнителна виктимизација. Упатувањето на жртвата да води постапка пред граѓански суд за остварување на правото на надомест на штета дополнително ќе ја виктимизира и ќе го спречи нејзиното закрепнување како жртва на трговија со дете и силување.

И на крај трговијата со деца претставува еден од најзагрижувачките проблеми. Во периодот од 20 години, најголем дел од идентификуваните жртви се деца, кои сочинуваат 70% од случаите. Повеќето од овие деца се на возраст од 9 до 17 години и доаѓаат од ранливи категории. Жените и девојчињата доминираат меѓу жртвите, со висока застапеност на случаи на двојна експлоатација – сексуална и трудова. Просечната возраст на децата-жртви изнесува околу 15 години, што го прави овој феномен уште по загрижувачки. Отворена порта нагласува дека ваквите податоци ја потенцираат итната потреба трговијата со деца да се спречи, а на децата жртви мора да им се обезбеди заштита и пристап до правда.

 

PDF верзија од нашата изјава:

Изјава Отворена порта