Документарен филм „Излез“

На 20ти Декември со гордост го прикажавме документарниот филм со наслов „ИЗЛЕЗ“, наменет за подигнување на јавната свест за правата на преживеаните од трговијата со луѓе.

Документирани се три вистинити искуства. Три сеќавања и животи на жени и девојки кои успеале да најдат излез од ланецот на ропство и трговија со луѓе.

Идејата зад филмот е да се поддржат жртвите на трговија со луѓе и зајакнат нивните права, низ прикажување на значењето од проактивна идентификација, заштита, пристап до услуги и пристап до правда за овие лица во согласност со меѓународните стандарди и националните процедури.

По документарецот беше организирана панел дискусија со режисерката на филмот како и главните чинители во спречување на трговијата со луѓе во Северна Македонија, односно директорката на Отворена Порта, претставнички од МВР и Јавното обвинителство.

На панелот се дискутираше за моменталната ситуација на трговија со луѓе во Северна Македонија, со акцент на недостатоците при откривањето на случаите како и недостатоците во процесот на заштита и реинтеграција. За нас во Отворена Порта, справувањето со трговијата со луѓе е секојдневие. Овие три приказни се само еден мал дел од приказот на предизвиците со кои се соочуваат жртвите но и ние како професионалци кои им помагаме да закрепнат да се ресоцијализираат и реинтегрираат, изјави директорката на Отворена Порта, Јасмина Димишковска Рајковска. Во подобрување на животот на хероите кои успеале да излезат од ланецот на трговија со луѓе, голема улога игра и компензацијата односно надомест на материјална и нематеријална штета. Законот за паричен надоместок кој беше инициран и за кој Отворена Порта лобираше се донесе во ноември 2022 година и се надеваме на негова примена при секој идентификуван случај.

Филмот го прикажува пеколниот пат низ кој што поминува една жртва, но и излезот кој што секогаш постои, но за жал не секој го гледа и стигнува до него.

Под режија на Сибел Абдиу, Филмот „ИЗЛЕЗ“ беше прикажуван на престижни филмски фестивали, а Отворена Порта ќе продолжи да го прикажува пред институции и релевантни чинители како и до јавноста со цел реализација на правата на жртвите, покренување на јавната свест за сериозноста на проблемот и подобрување на одговорот на трговија со луѓе во земјава.