Интервју со Ангелина Велкова

Во рамките на нашата соработка со Европската унија и Советот на Европа, како еден од грантистите на заедничката иницијатива – „Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ (Хоризонтален Инструмент II), Отворена Порта организираше отворен повик за млади  графички дизајнери!

Трговијата со луѓе е сериозен и комплексен проблем и една од растечките форми на организиран криминал на глобално ниво. Процесот на трговија со луѓе подразбира експлоатација на човечкото тело и труд, кршење на најсуштинските човекови права – од ограничување на комуникација и движење, до насилство и злоупотреба.

Графичкиот дизајн е дефинитивно уметноста на новата генерација – токму затоа решивме да ги таргетираме младите дизајнери кои ја преточија својата креативност во создавање на графички дизајни за подигање на свеста на темата трговија со луѓе и коишто би биле дел од кампањата – „Можност или експлоатација“.

Денес ви ја претставуваме Ангелина Велкова, дизајнерката која освои второ место на повикот!

Неколку зборови за себе и мотивацијата да се пријавите на овој натпревар?

Јас сум Ангелина Велкова, постдипломски студент по архитектура и дизајн на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. За време на студиите бев активна во неколку невладини организации и така дознав за повикот за графички дизајнери на Oтворена Порта.

Во огласот видов можност да се изразам на поинаков начин и истовремено да ги спојам моите две страсти – дизајнирање и подигање на свеста и информирање на младите за важни оштествени теми како што е трговијата со луѓе

 

Колку можат социјалните мрежи да помогнат во информирањето на младите за трговијата со луѓе и колку е лесно или тешко да се „падне“ од социјалните мрежи во мрежата за трговија со луѓе?

Социјалните мрежи, кои во последната деценија станаа најкористената алатка за споделување и примање информации, се добра платформа за информирање на младите за сите теми, вклучително и трговијата со луѓе.

Мислам дека денешната младина е повеќе од доволно обучена во начинот на работа на социјалните мрежи и лесно ја препознава измамата. Затоа мислам дека ова „спонтано“ образование и способност да се насетат одредени сомнителни соопштенија и понуди за работа може да се искористи за да се предупреди и спречи злоупотребата на помладите генерации и оние постари кои, иако постапуваат внимателно, не секогаш знаат како да ја проценат автентичноста на огласот или публикацијата.

Според мене, подигнување на свеста, информирање на јавноста, како и обука за тоа како да се постапува во различни ситуации се клучни во борбата против трговијата со луѓе.

 

Дали мислите дека графичкиот дизајн може да биде моќна алатка за поттикнување на оштествени промени?

Графичкиот дизајн е дефинитвно една од најсилните алатки за поттикнување на општествени промени. Милионите слики што ги гледаме секој ден (без разлика дали намерно или случајно) влегуваат во нашата потсвест и ако пораката е доволно јасна и концизна, можеме лесно да ја согледаме и да се мотивираме да постапуваме по неа, особено на теми важни како трговијата со луѓе.

Акцентот тука може да се стави и на маркетингот и способноста да се „хипнотизира“ човечкиот мозок и неговите мисли и постапки токму од информациите добиени преку окото. Дизајнот, во која било форма, е предизвик и го исполнува дизајнерот максимално, тој се прави со задоволство и креативност и затоа претставува креативен процес на решавање задачи и визуелна презентација на теми важни за општеството во кое живееме сега.

 

Конечно, која е пораката што сакате да им ја пренесете на младите преку вашиот дизајн?

Една од главните услуги на Отворена порта – СОС-линијата за помош е клучната порака во дизајнот на мојот постер – поставена е светла силуета на човек во темница, бар-кодот означува трговија со луѓе, а во центарот е СОС линијата 0800 11111.

Дури и најмалите постапки можат да спасат нечиј живот, да пријавете трговија со луѓе и трудова експлоатација – Никој не е ничија сопственост!

 

This interview was produced with the financial support of the European Union and the Council of Europe. The views expressed herein are responsibility of the author and can in no way be taken to reflect the official opinion of either party.