Интервју со Милош Ристоски

Во рамките на нашата соработка со Европската унија и Советот на Европа, како еден од грантистите на заедничката иницијатива – „Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ (Хоризонтален Инструмент II), Отворена Порта организираше отворен повик за млади  графички дизајнери!

Трговијата со луѓе е сериозен и комплексен проблем и една од растечките форми на организиран криминал на глобално ниво. Процесот на трговија со луѓе подразбира експлоатација на човечкото тело и труд, кршење на најсуштинските човекови права – од ограничување на комуникација и движење, до насилство и злоупотреба.

Графичкиот дизајн е дефинитивно уметноста на новата генерација – токму затоа решивме да ги таргетираме младите дизајнери кои ја преточија својата креативност во создавање на графички дизајни за подигање на свеста на темата трговија со луѓе и коишто би биле дел од кампањата – „Можност или експлоатација“.

 

Денес ви го претставуваме Милош Ристовски, дизајнерот кој стои позади второ наградениот дизајн.

 

Неколку зборови за себе и мотивацијата да се пријавите на овој натпревар?

Моето име е Милош Ристоски, основач и косопственик на squareONE Marketing & Advertising, маркетинг агенција во Скопје. Како креативен директор, но и млад лидер, секој ден се обидувам да им ја истакнам на моите колеги важноста и улогата на дизајнот во општествениот живот.

Ова беше мојата мотивација за учествуво на овој натпревар, кој зборува за една од најчувствителните теми на глобално ниво. Тема која нè засега сите нас, без оглед на полот, возраста, националноста или етничката припадност.

 

Колку мислите дека младите се информирани за трговијата со луѓе?

Верувам дека достапноста на информации за прашањето за трговија со луѓе не е главниот недостаток на младите. Напротив, барем денес протокот и

брзината на информации за многу социјални теми се полесни од кога и да било, што им олеснува на младите да добијат потемелни информации за важни теми и средства за заштита.

Како предизвик во едукативната позадина на овој суштински проблем кај младите луѓе е можеби фокусот и недостатокот на свест, предизвикан од популаризирање на теми и постоечки проблеми кои можеби не се суштински значајни, но се составен дел од секојдневниот живот со кој се соочува младата популација .

 

Дали мислите дека графичкиот дизајн може да биде моќна алатка за поттикнување на општествени промени?

Како еден од најмладите претприемачи во нашата земја, чие долгогодишно искуство е во областа на графички дизајн и мултимедија, сигурен сум дека дизајнот е многу повеќе од само убава визуелизација. Дизајнот е средство за комуникација чија моќ може да едуцира, информира и пренесе порака погласно од кој било збор или пишана мисла. Поради оваа причина, јас често велам дека дизајнот е тесно поврзан со визуелната писменост на една личност, што е способност да се толкува значењето на збир на информации презентирани во форма на слика.

 

Конечно, која е пораката што сакате да им ја пренесете на младите преку вашиот дизајн?

Овој постер е дело создадено за да го привлече вниманието на секоја индивидуа и гласно да ја пренесе пораката дека информираното општество е единствениот критериум за борба против трговијата со луѓе.

 

This interview was produced with the financial support of the European Union and the Council of Europe. The views expressed herein are responsibility of the author and can in no way be taken to reflect the official opinion of either party.