Трговијата со луѓе е реалност во Северна Македонија.Постојат повеќе предизвиците во справување со трговијата со луѓе и обезбедување на поддршката и правата на жртвите на трговија со луѓе.
Неопходна е навремена идентификација на случаевите на трговија со луѓе вклучувајќи и трудова експлоатација која е услов за жртвата да пристапи до услугите, поддршката и пристапот до правни лекови. Постои недостаток на капацитети, едукација и препознавање на веќе постоечките индикатори за идентификување на жртвите, особено на препознавањето на трудовата експлоатација во неформалниот сектор. Од друга страна голем дел од жртвите не се препознаваат себеси особено машките лица или пак се плашат да пријават поради страв од контакт со полицијата и властите.
Трговијата со луѓе кај нас како и на глобално ниво не е доволно идентификувана. Во Северна Македонија сеуште предничи откривањето на традиционалните форми на трговија со луѓе, најдоминантен облик е сексуалната експлоатација, која најчесто се врши во угостителски објекти и ноќни клубови во западниот дел од државата. Трудовата експлоатација се врши преку присилна работа во угостителските објекти комбинирана со сексуалната експлоатација, и трудова експлоатација за потребите во земјоделството, сточарството и преку присилно питачење. Присутни се и практики на присилните бракови како форма на трговија со луѓе.
Од овие причини по повод ЕУ денот против трговијата со луѓе Отворена порта на 17-18 октомври 2022 ја спроведе обуката на граѓанските организации за нивната улога во борбата против трговијата со луѓе и остварување на правата на жртвите со посебен акцент на трудовата експлоатација.
- Кои се новите трендови, модус операнди и разлики
- Форми на трговија, застапеност, причини и последици
- Механизмите за идентификација упатување и заштита
- Споредба на состојбата помеѓу земјите во регионот
- Предизвиците во остварување на правата на жртвите
Обуката беше наменета за членките на НВО платформата за борба против трговија со луѓе а се спроведе во соработка со нашите долгогодишни партнери АСТРА, со цел размена на искуства и добри примери за застапувачки иницијативи на граѓанските организации и мрежно работење.
Отворена порта 22 години активно работи на спречување на трговијата со луѓе преку ефективно спроведување на програмите за превенција, застапување и поддршка на жртвите и е членка на Ла Страда европската мрежа на невладини организации. Го раководиме единствениот Центар за жртви на трговија со луѓе и сексуално насилство како и оперирање на СОС линија 24/7 за анонимно и бесплатно пријавување на случај на трговија со луѓе и или за упатување, совет и информација.
Проектот финансиски поддржано од ЕУ