Интервју со Т.Л.К

Во рамките на нашата соработка со Европската унија иСоветот на Европа, како еден од грантистите на заедничката иницијатива – „Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ (Horizontal Facility II), Отворена Порта организираше отворен повик за млади  графички дизајнери!

Трговијата со луѓе е сериозен и комплексен проблем и една од растечките форми на организиран криминал на глобално ниво. Процесот на трговија со луѓе подразбира експлоатација на човечкото тело и труд, кршење на најсуштинските човекови права – од ограничување на комуникација и движење, до насилство и злоупотреба.

Графичкиот дизајн е дефинитивно уметноста на новата генерација – токму затоа решивме да ги таргетираме младите дизајнери кои ја преточија својата креативност во создавање на графички дизајни за подигање на свеста на темата трговија со луѓе и коишто би биле дел од кампањата – „Можност или експлоатација“.

Денес ви ја претставуваме дизајнерката позади првонаградениот дизајн – Теодора Крствеска

 

Неколку зборови за себе и мотивацијата да се пријавите на овој натпревар?

Јас сум Теодора Крстевска, имам 18 години и живеам во Битола. Изразив желба да дизајнирам уште како дете со неколкуте обиди да дизајнирам постери за украсување на мојата соба. Понатаму, имав неколку волонтерски дизајни, а последното нешто што ме направи горда е дизајнирањето на постер за размена на млади организиран од друга невладина организација во мојот роден град и дипломи за читање литература во моето средно училиште.

Најголема поддршка и совет добивам од тетка ми која постојано ме охрабрува да продолжам во насоката што ја сакам и за тоа сум и неизмерно благодарна.

Мотивот за пријавување на овој натпревар беше за моето милениче – моето куче и најдобриот пријател Бастер. Тој има здравствени проблеми веќе една година, а јас сакав да започнам да купувам лекови на свој трошок затоа што не сакав да им наметнам друга обврска на моите родители.

 

Дали мислите дека графичкиот дизајн може да биде моќна алатка за поттикнување на општествени промени?

Графичкиот дизајн, како и секоја друга форма на презентација (книги, филмови, документарни филмови и статии на Интернет) може да биде моќна алатка, под услов елементите да бидат лесно разбирливи и доволно моќни за да допрат до публика.

 

Колку мислите дека младите се информирани за трговијата со луѓе?

Неколку години по ред, моето основно и средно училиште организира неформални часови на тема трговија со луѓе, а јас долго време се сметав за добро образована на тоа поле, но не би било искрено ако одговорам дека секој поединец ги следи часовите со посебен интерес. Едноставно кажано, би можела да кажам дека секој ги знае „основите“ на трговијата со луѓе, нејзините форми и начини на заштитата.

Она што е исто така важно е влијанието на технологијата врз животот на една индивидуа, особено врз младите поединци, секојдневните рутини и навики, тоа е незаменлив факт, а социјалните платформи се најдобриот начин да се пренесе силна порака или да се подигне свеста кај младите.

Така, за нас како жртви е навистина лесно воопшто да не сме свесни за тоа – и токму затоа трговијата со луѓе е толку честа појава насекаде во светот. Единствениот фактор што може да ја намали, и на крајот да ја запре трговијата со луѓе, е доброто образование!

 

Конечно, која е пораката што сакате да им ја пренесете на младите преку вашиот дизајн?

Секојдневието на нормалната личност е исполнето со барем еден час на мобилен телефон и нормално е да се појавуваат одлични реклами за работа, некои изгледаат неверојатно просперитетни, нудејќи големи плати и услови за работа, и иако има знак на сомнеж, се избегнува – Токму тие лажни огласи за работа се причина за несвесното потопување во тој свет.

Јас ја прикажувам таа слика со употреба на лисици на огласи за работа, отколку на копче, покажувајќи го модерното ропство и тортура што си ја нанесуваме на самите себе.

 

This interview was produced with the financial support of the European Union and the Council of Europe. The views expressed herein are responsibility of the author and can in no way be taken to reflect the official opinion of either party.