Меѓународен ден на жената 8 март
Почитување на правата на жените работнички и искоренување на трудовата експлоатација
Овој 8 ми март го посветуваме на жените работнички од текстилната и кожарската индустрија и повикуваме на почитување на работничките права и искоренување на трудовата експлоатација која што се случува во Македонија.
Текстилната индустрија е најголема извозна индустрија во Македонија која допринесува економска стабилност, производство, работа, извоз. Податоците од теренските истражувања што Отворена Порта ги направи во 2015/2016 за текстилната и кожарската индустрија укажуваат на полова дискриминација, односно жени работници кои заработуваат помалку од нивните машки колеги за работа со еднаква вредност. Жените претежно се наоѓаат во безизлезна состојба и не можат да излезат од услови на сиромаштија со речиси никакви можности за работа. Ниските плати вршат структурно, економско насилство врз работниците, особено врз жените. Зависноста е клучен збор тука, главно за илјадниците жени принудени да останат на работното место, без разлика колку се лоши условите за работа. Ниските плати, исто така, резултираат со сиромаштија која двојно и тројно ги оптоварува жените работнички. На пример повеќе жени работнички од Македонија споделија дека покрај работата во фабрика , мора да се ангажираат и во земјоделството за да преживеат.
За жал многу ретко работниците пријавуваат прекршување на работничките права и трудова експлоатација, најмногу поради страв да не ја загубат работата или поради недоверба во институциите и судството.
Ние го осудуваме пазарот кој ги експлоатира и прекршува правата на жените работнички особено во текстилната и кожарската индустрија.
Ние сметаме дека Владата треба да посвети повеќе внимание на мерките за сузбивање на трудовата експлоатација, заштитата на човековите права, вклучувајќи ги и работничките права и истите да бидат приоритет во нејзината работа.
Како организација ќе продолжиме да ги заштитуваме и да се бориме за правата на жените работнички, жртвите на трудова експлоатација и трговија со луѓе. Ве потсетуваме дека истражувањето на Отворена порта можете да го проследите на следниов линк: